СДСМ: Единствена гаранција дека проектите од значење за охриѓани ќе се реализираат е да се изградат по пат на јавно приватно партнерство

ОО на СДСМ Охрид испрати реакција, на демантот и реакцијата на секретарот Димитар Спасески и ВМРО ДПМНЕ дадена на вчерашниот прес од советниците на СДСМ. Во реакцијата се вели: 

„Распродажбата на земјиште на сите граѓани на Република Македонија не е решение. И секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески вчера тоа го призна.

ВМРО-ДПМНЕ и Спасески вчера во реакцијата заборавија да им кажат на граѓаните дека штом земјиштето се продаде на приватни лица тие согласно законските регулативи имаат можност да бараат пренамена на истото.

Кажувајќи дека ова е само можност да се приберат повеќе заинтересирани за инвестирање во овие капитални објекти Спасески сега самиот се демантира кога пред 20- тина дена изјавуваше дека капиталните проекти ВМРО-ДПМНЕ и Никола Бакрачески не ги заборавиле, туку дека тие се во поодмината фаза во нивното реализирање.

И тогаш и сега ВМРО-ДПМНЕ манипулираат, како што е манипулација и тврдењето дека наследените долгови се само од времето на владеење на СДСМ со локалната самоуправа.

Единствена гаранција дека проектите од значење за охриѓани ќе се реализираат е да се изградат по пат на јавно приватно партнерство.

Ова што ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески го прават дефинитивно значи дека државниот имот, за евтини пари, ќе премине во сопственост на приватни лица, се разбира блиски до партијата на власт.

ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески кажуваат колкав ќе бил бенефитот изразен еднократно во 30 милионски денарски суми , а забораваат да кажат дека ако овие капитални градби се реализираат со јавно приватно партнерство добивката нема да биде еднократна, а земјиштето ќе остане во владеење на Република Македонија и нејзините граѓани.“– стои во реакцијата.