Промотивен настан во рамките на проектот прекугранична соработка BORDER IN

На граничниот премин Богородица се одржа јавен промотивен настан „Road Show Event”, во рамките на ИПА Проектот за развој на гранична инфраструктура помеѓу Република Македонија и Република Грција – BORDER IN.

Овој Проект беше реализиран во рамките на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција 2007-2013 од Инструментот за предпристапна помош (ИПА), и истиот беше финансиран од страна на Европската унија, со финансиско учество на Владата на Република Македонија.

Активностите кои беа опфатени во рамките на овој Проект и се состоеја во реконструкција на административната зграда и придружните објекти на преминот како и поставување на нова опрема за регулирање на сообраќајот, започнаа во февруари и беа целосно реализирани во месец јуни оваа година, пред почетокот на туристичката сезона.

Поаѓајќи од значењето на граничниот премин Богородица и фреквентноста на движењето на патници и превозни средства преку истиот, денешниот настан имаше за цел на пошироката јавност да и се презентираат придобивките од овој Проект насочени кон поголема функционалност на преминот, зголемен квалитет на услугите и контролите на возилата и патниците, поголема безбедност и олеснување на минувањето на државната граница.

По тој повод, во знак на успешно реализираната прекугранична соработка на двете земји, на сите патници кои во моментот на одбележувањето и на овој настан ја минаа границата, им беа поделени симболични промотивни матерјали.