Министерката Јанкулоска и директорот на БЈБ Чавков на 83-то Генерално собрание на Интерпол

Министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, од утре  до среда ќе учествуваат на 83-то Генерално Собрание на Интерпол во Монако, кое се одржува под мотото „Одвраќање на криминалот – 100 години меѓународна полициска соработка“.

Јанкулоска преку свое излагање директно ќе партиципира на втората панел дискусија посветена на „Засилување на полициската соработка преку законската регулативе, политиките, технологијата и техниките на работењето“.

На останатите панели ќе се дискутира и за „Еволуција и експанзија на организираната полициска соработка“, „100 години на колективна борба против транснационалниот криминал“, „Градење на посилни институции за национална и меќународна полициска соработка“, „Современи криминални закани и нови предизвици во полициската соработка“ и „Соработка со јавниот и приватниот сектор – нови партнерства за посигурен свет“. На Генералното собрание ќе земат учество министри и високи полициски функционери од преку 100 земји членки на Интерпол.