Македонија се претстави на Берзата за археолошки туризам во Италија

Со голем интерес кај италијанската и светската публика помина претставувањето на културните богатства на Македонија на 17. издание на Берзата за археолошки туризам во Италија, која од 30 октомври до 2 ноември се одржа близу градот Салерно во Италија. Македонија првпат се претстави на овој меѓународен археолошки настан презентирајќи публикации и видеоматеријали за Стоби, Хераклеја, Кокино, Скупи, Билазора и за многу други археолошки наоѓалишта, градови и цркви. Нашата земја беше вистинско изненадување за многумина од присутните. Интерес предизвикаа античките градови, мегалитската опсерваторија Кокино, како и убавите цркви од византиско време. Речиси немаше посетител кој остана рамнодушен пред ранохристијанските мозаици од Хераклеја, Лихнид и Стоби, а многумина од нив беа заинтересирани за туристичките понуди и планираа посета на земјава. Во рамките на археолошкиот саем имаше и дегустација на македонски вина и традиционална храна, што дополнително придонесе за посетеноста на домашниот штанд. Претставник и организатор на 17. издание на Берзата за археолошки туризам во Италија беше Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство.

Покрај Македонија, оваа година учествуваа повеќе од дваесет земји, меѓу кои: Србија, Бугарија, Хрватска, Албанија, Словенија, Аргентина, Малта, Португалија, Венецуела, Романија и други, а земја во фокусот беше Азербејџан. Саемот беше посетен од илјадници луѓе и беше проследен од новинари од целиот свет.

Берзата за археолошки туризам во Салерно почнала да се реализира од 1997 година. Според податоците на организаторите, секоја година има неколку илјади посетители од целиот свет, стотици новинари, како и излагачи и претставници на УНЕСКО, ИКРОМ и на други организации.

arheo_turizam_italija_5