Селекторот на македонската А репрезентација, Бошко Ѓуровски го соопшти списокот на фудбалери на кои смета за квалификацискиот натпревар против Словачка на 15-ти ноември на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.
За вториот домашен натпревар од квалификациите за Европското првенство во Франција 2016 повикани се следните 20 фудбалери:
Голмани: Томе Пачовски (Мехелен, Белгија), Мартин Богатинов (Ермис, Кипар);
Одбрана: Стефан Ристовски (Парма, Италија), Даниел Георгиевски (Мелбурн, Австралија), Даниел Мојсов (Бран, Норвешка), Ванче Шиков (Австрија Виена, Австрија), Александар Дамчевски (НАЦ Бреда, Холандија), Езѓан Алиоски (Шафхаузен, Швајцарија);
Среден ред: Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Никола Глигоров (Вардар), Мухамед Демири (Ст. Гален, Швајцарија), Александар Трајковски (Зулте, Белгија), Давид Бабунски (Барселона Б, Шпанија), Ацо Стојков (Работнички);
Напад: Адис Јаховиќ (Крилја Советов, Русија), Јован Костовски (Леувен, Белгија), Бесарт Абдурахими (Локерен, Белгија), Агим Ибраими (Марибор, Словенија), Крсте Велковски (Сараево, БиХ), Мирко Ивановски (Клуж, Романија)
„Ни следува пресметка со репрезентација која освои максимален број на бодови по првите три натпревари и состав кој има извонреден напаѓачки ред. Можеби Словачка не одигра атрактивно на квалификациските натпревари, но беа многу ефикасни. Хамшик, Вајс и Мак се играчи кои прават разлика, се издвојуваат по квалитетот. Но, нашите играчи се свесни за предизвикот и за квалитетот на словачката репрезентација. Ние треба да одиграме храбро, да бидеме паметни, професионални во залагањето и да се надеваме дека тој пристап ќе ни донесе позитивни работи и добар резултат. Некои од играчите кои беа на списокот за првите натпревари отпаднаа за овој дуел од причина што сметам дека во моментот е подобро да бидат со своите клубови, а дел од нив ќе бидат во младата репрезентација. Имаме доволно време да ја направиме потребната анализа и да се подготвиме најдобро за важниот натпревар против Словачка“, изјави селекторот Бошко Ѓуровски.
Тим менаџерот во нашата А репрезентација, Илија Најдоски ја повика јавноста да им даде вистинска поддршка на фудбалерите, легендарниот македонски фудбалер вели дека е важно играчите да добијат вистинка поддршка, па дури и ако не оди според посакуваното.
„Нашите навивачи секогаш го посакуваат најдоброто, како и сите ние и треба да им дадеме поддршка на репрезентативците, дури и кога не оди според посакуваното. Со играта во Украина потврдија дека заслужуваат безрезервна поддршка од трибините. Мора сите заедно да веруваме во себе, да веруваме во нив. Доста е со недовербата, против една квалитетна селекција како Словачка време е можеби да го покажеме единството и квалитетот од секој можен аспект. Затоа ги повикувам навивачите и сите љубители на фудбалот да дојдат и да и помогнат на својата репрезентација“, изјави Најдоски.