Владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски, со учеството на бизнис форумот во Лас Вегас, ја заврши неколкудневната економска посета на САД.
Како што изјави Груевски по форумот, посетата на САД е повеќе од успешна. Дел од компаниите и стопанствениците со кои се остварени средби, најавија инвестиции во Македонија.
„Посетивме четири четири големи значајни града, Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес и Лас Вегас, доста компании. На презентациите имаше многу присутни, голем беше интересот, се поставија многу прашања и се остварија многу лични контакти. Неколку компании веќе најавија доаѓање во Македонија дури некои објавија дека ќе инвестираат во Македонија“, изјави Груевски.
Според него, Владата ќе ги продолжи контактите со повеќето од компаниите, особено со оние што размислуваат да инвестираат во Македонија.
„Убеден сум дека не само од овие што веќе најавија влегување во Македонија, туку и од другите кои беа присутни, а кои сакаат прво да направат подетална анализа и контакти со нас, во догледно време ќе произлезе уште некој инвеститор и отворање нови работни места“, нагласи премиерот.
На бизнис форумот во Лас Вегас беа претставени поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализирање странски инвестиции.
Лас Вегас е значаен економски и туристички центар каде се присутни најголемите хотелиерски компании во САД и фирми кои се занимаваат со игри на среќа, но и компании од нафтената и прехрамбената индустрија, како и информатичката технологија.
Премиерот Груевски пред присутните претставници на компании ги образложи условите за водење на бизнис и можностите кои им стојат на располагање. Тој посочи дека Владата е целосно насочена кон привлекување на инвестиции од различни сфери се со цел поддршка на економскиот развој, и во таа функција е посетата на САД како земја која содржи голем економски и инвеститорски потенцијал.
Премиерот Груевски изјави дека Република Македонија има најниски трошоци за правење на бизнис споредено со било која друга европска држава.
„Кога во најголем број на државите невработеноста растеше во Македонија невработеноста се намали на 28.2 проценти што е намалување за 10 проценти во изминатите неколку години, процент кој што е се уште висок, но трендот на намалување е многу добар“, изјави Груевски.
Владата, додаде, е насочена и кон изградба на патна и железничка инфраструктура која е многу важна за инвеститорите, при што напомена дека во моментот се градат три нови автопати, како и нова железничка пруга за поврзување на државата со источниот сосед Бугарија.
Како што изјави министерот Веле Самак, Лас Вегас и регионот на јужна Невада е интересен бидејќи има доста разновидна економска база со повеќе видови индустрии, пред се технолошко производствената индустрија, медицинската индустрија, градежништво и трговија со недвижности.
„Тоа се индустрии за кои сметаме дека има голем потенцијал во Република Македонија, при што со нашите овдешни дискусии и информации се надеваме дека ќе ги привлечеме некои од овие посетители на настанот да дојдат да ја посетат Македонија и да ги видат можностите за инвестирање. Америка е важна за нас бидејќи најголем број од новите гринфилд инвестиции, покрај Европа доаѓаат и од Америка. Ова го правиме поради отворање на нови работни места и подобрување на стандардот на граѓаните“, подвлече Самак.
На бизнис форумот беше присутен Ричард Кравфорд, сопственик на компании од нафтената и прехрамбената индустрија кој позитивно ги оцени условите за инвестирање.
„Навистина сум импресиониран од Владата на Република Македонија и нејзините напори да го олеснува и овозможува доаѓањето на компании во државата со што овозможува процесот на инвестирање и на транзиција на капиталот да го направи супер полесен, што е спротивно со многу други држави кои фрлаат пречки и прават блокади на тој процес. Ние доаѓаме од нафтената индустрија во Невада и соработуваме со многу влади. Добро е што Македонија има добра филозофија да го направи работењето на компаниите полесно, ефикасно и да соработува со нив за да ги направат поуспешни во нивното работење“, изјави Кравфорд.