СДСМ: Јавноста вчера беше сведок дека Никола Бакрачески го демантираше ВМРО-ДПМНЕ

ОО на СДСМ Охрид денес испрати реакција во врска со вчерашната изјава на градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески. Во неа стои:

„Во основното училиште Григор Прличев и денеска учениците се мрзнат, а наставата се одвива со скратени часови.

ВМРО- ДПМНЕ и Никола Бакрачески се неспособни да ги решат проблемите.

Јавноста вчера беше сведок дека Никола Бакрачески го демантираше ВМРО-ДПМНЕ.

На 27 ноември, минатата година, на партиска прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, советникот Сашо Донев рече дека сметката на основното училиште Григор Прличев е блокирана како резултат на направени неплатени обврски во 2011 и 2012 година.

Вчера, градоначалникот Никола Бакрачески го демантираше својот сопартиец и го призна она што СДСМ го кажува.

Долгот од 9 милиони денари, поради што е блокирана сметката на ОУ „Григор Прличев“, е поради извршно судско решение за исплата на надомест за одземено земјиште.

Додека ВМРО-ДПМНЕ и Бакрачески се плеткаат во сопствените лаги, нивната неспособност му штети на воспитно образовниот процес на учениците.“- се вели во реакцијата.