Општина: Најважно од се е што општина Охрид го исплати долгот за потрошената струја на ОУ „Григор Прличев“

Општина Охрид испрати реакција во врска со соопштението на ОО на ЛДП, во која стои:

„Општина Охрид  изразува жалење што проблемот со електричната енергија  во ОУ „Григор  Прличев“, ЛДП- Охрид го злоупотреби  за добивање ниски политички поени, при што ги злоупотребува  и потребите  на ученици односно нашите деца.

Градоначалникот Никола Бакрачески на вчерашната вонредна Седница која беше свикана по негова иницијатива,  се заблагодари на сите советници од градскиот Совет   за поддршката при донесување на одлуката со која општината се  обврза да го исплати долгот  што  ОУ “Григор Прличев“ го  имаше  кон ЕВН- Македонија за потрошена електрична енергија.

Проблемот со исклучената струја во оваа образовна институција беше сериозен и согласно законската регулатива,  се јави потреба истиот да биде  изложен на разгледување пред  членовите на Советот на општина Охрид.

Во изминативе денови, Локалната самоуправа и градоначалникот Никола Бакрачески  многу посветено и макотрпно работеа на надминување на овој сериозен наследен  проблем. Беа   разгледувани  сите можни модели кои се во рамки на законските прописи и норми за надминување на  проблемот , при што преземањето на   обврските на училиштето  кон ЕВН- Македонија од страна на општината  беше избрано како  оптималното најдобро решение.

Ако се навратиме на минатото, една и единствена е вистината дека се работи за наследен проблем како и многу други, кои со многу вложена енергија и напор градоначалникот Никола Бакрачески и неговиот тим ги решаваат.  

Потсетуваме дека, проблемот со исклучената струја во ОУ „Григор Прличев“  е резултат  на застарени обврски    и игнорантскиот однос  на  поранешни  локални раководства  за регулирање на обврските  кои ги имале кон доверителите  од дваесетгодишниот судски спор  од  имотно- правен  карактер, поради  што   за енормно висок износ е блокирана неговата  сметка, што оневозможува плаќање на сметките за  потрошена електрична енергија.

Најважно од се е што општина Охрид го исплати долгот за потрошената струја  на училиштето  во износ од   813.439. 00 денари. Со тоа  се обезбеди нормален тек на наставата.

Општина Охрид не ја разбира поентата на соопштението од ЛДП- Охрид, во делот на наводно партнерство на општината со мини хидро- електрани , па токму затоа истото го сваќа како обид за  добивање   политички поени кои се на “стаклени нозе“ ако се земе во предвид  дека истите  не се поткрепени со факти.

Во однос на блок дотациите, општина Охрид со домаќинско работење обезбедува средства за училиштата а  целата јавност знае  дека проблемот во  ОУ “Григор Прличев“ не беше од финансиска природа  за што доказ е денешната експресна уплата на средствата што ова училиште ги должеше на ЕВН- Македонија.“-стои во реакцијата.