Каква е состојбата во Европа со вектор преносливите и паразитските болести, која е легислативата која ги уредува овие две исклучително важни подрачја кои се програмите за контрола на надзор на овој тип болести и кои се методите за детекција, дијагностика , за превенција, но и за заштита од вектор преносливите и паразитските болести. Ова се дел од темите на тридневната работилница “ Вектор – преносливи и паразитски болести ”која во организација на Европската Комисија, преку инстриментот за предпристапна помош (TAIEX), во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија се одржува од 24 до 26 овој месец во Скопје.
Како што истакна на отворањето директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, според податоците на Светската здравствена организација болестите кои што се пренесуваат преку вектори се застапени со повеќе од 17% од вкупниот број на заразни заболувања во светот.
„Живееме во време на глобална трговија, зголемен интернационален транспорт на стоки и патници, климатски промени и урбанизација кои што можат да доведат до ширење на векторите и на вектор преносливите болести надвор од границите на нивната вообичаена распространетост. На пример одредени тропски болести како болеста на Син јазик, Лајшманијазата, Лимфатичната филаријаза, Конго Кримеан хеморагична треска, Денга и други во последниот период се присутни и на Европскиот континент. Оттука се наметнува и потребата за подетално запознавање со овие болести, начинот на пренесување кај животните и луѓето, клиничката слика која што ја предизвикуваат како и начинот на превенција и спречување на нивното ширење“– рече тој.
Оваа работилница, додаде Поповски е од исклучителна важност за стручните лица вклучени во контролата на здравствената состојба на животните и луѓето кои што во секое време треба да бидат подготвени да се справат со евентуалната појава на вектор – преносливите болести.
Во рамки на работилницата ќе бидат презентирани европските искуства за проценка на вектор преносливите болести, методите за евалуација на преземените активности за контрола на ваквите болести кај животните. Од страна на стручните лица од Европската унија, на работилницата, посебен акцент ќе биде ставен на болестите Син јазик, на комарците и мувите како основни пренесувачи на вектор преносливите болести, како и на детекцијата и дијагностиката на ехинококозата, токсиплазмозата и трихинелозата како најчести паразитски болести кај животните.