На вчерашната свеченост во Скопје, Амбасадата на Република Полска во Република Македонија официјално го претстави почесениот конзул во полскиот почесен конзулат со седиште во Охрид Коста Костовски. На церемонијата, на која покрај министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Поповски, амбасадорот на Република Полска во Република Македонија Јацек Мултановски и повеќе претставници на дипломатскиот кор, присуствуваше и делегација на општина Охрид предводена од заменик градоначалникот Ангел Јанев.
„Содржината на односите меѓу државите ја даваат луѓето, без разлика дали се од бизнисот, науката, културата или другите општествени сегменти.Со таква верба и ентузијазам досега давав и ќе можам да дадам придонес во јакнењето на пријателството меѓу Република Македонија и Република Полска“-рече на свеченоста почесниот конзул Коста Костовски. Тој упати благодарност до градоначалникот Никола Бакрачески и изрази задоволсство што седиштето на полскиот почесен конзулат е во Охрид.
Заменик градоначалникот Ангел Јанев на средбите со министерот Никола Поповски и почесниот конзул Коста Костовски , изрази благодарност за изборот на Охрид за седиште на почесниот полски конзулат и надеж дека тој ќе биде мост за продлабочување на соработката меѓу двете држави.Заеднички беше прифатен неговиот предлог, со нивна поддршка наскоро да се организира промоција на Охрид во Полска и организирање на промотивна тура за полски новинари и тур- оператори.Заменик градоначалникот Ангел Јанев додаде дека во Охрид има почесни конзулати на Република Турција и Република Полска и дека очекува и други земји да отворат свои почесни претставништва.