Спречени обиди за шверц на 1 кг хероин и 3 кг марихуана

Царинските службеници спречија два одвоени обиди за шверц на 1 кг хероин и 3 кг марихуана.

Во првиот случај царинските инспектори од Одделението за оперативни работи – Мобилни тимови, при личен претрес на македонски државјанин, патник во автобус кој сообраќа на редовна линија Истанбул-Струга, пронајдоа и запленија околу еден килограм хероин.

Имено, на 26.11.2014 година во 06:00 часот, на граничниот премин Богородица за влез во државата се пријави автобус со турски регистарски ознаки. Автобусот беше селектиран за детална контрола и при извршен личен претрес кај патникот И.И. (51) македонски државјанин, во внатрешноста на јакната што ја носел на себе, под поставата се пронајдени 24 паковки со вкупна тежина од околу еден килограм наполнети со непозната кафеава прашкаста материја, која на тестер за наркотици НИК покажа индикации дека се работи за наркотична дрога хероин. Вештачењето извршено во Одделот за криминалистичка техника при МВР ги потврди сомневањата.

IMG_20141126_061023

По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, во текот на спроведените предистражни мерки, утврдено е дека лицето И.И (51) за сума од 7.000 евра во Истанбул – Турција набавил околу 1 кг хероин, со цел истиот да го пренесе и да го продаде во Македонија. За таа цел дрогата, спакувана во 24 паковки, ја сокрил под поставата од својата јакна и на 25.11.2014 година со автобус тргнал кон Тетово каде планирал да ја продава, но на граничниот премин Богородица е откриен од страна на царинските службеници.

Осомниченот е лишен од слобода и предаден во Основниот суд Велес, а Царинската управа до надлежното Основно јавно обвинителство против осомничениот поднесе кривична пријава за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Судија во претходна постапка на осомничениот му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.

IMG_20141126_084948

Во вториот случај, истиот ден околу 21:20 часот, при контрола на автобус кој сообраќа на редовна линија Струга – Виена, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце, царинските службеници од граничниот премин, под едно од седиштатапронајдоа најлонска кеса исполнета со непозната материја со зелена боја од растително потекло, со тежина од околу 3 кг, која на тестер за наркотици НИК покажа индикации дека се работи за наркотична дрога марихуана.

Целиот предмет се предадени на Одделението за истраги, кои во координација со Основното јавно обвинителсво во Куманово презема дејствија и активности заради утврдување на сите факти и докази во врска со овој случај.

Euro Bus 035