Охрид и годинава се приклучува кон традиционалната акција, Ден на дрвото – Засади ја својата иднина, што утре ќе се спроведе на територијата низ целава држава. Градоначалникот Никола Бакрачески заедно со претседателката на охридскиот Совет Гордана Коњановска, со директорите на јавните претпријатија и со дел од раководителите на општинските сектори ги засадија првите дрвца во акцијата.
„Ја користам оваа прилика да ги повикам сите граѓани на Охрид, утре да земат учество во оваа акција и со засадување на што повеќе садници да придонесат кон унапредување на животната средина. Радува фактот што од година во година расте бројот на лица кои се вклучуваат во акцијата односно кај луѓето расте свесноста за значењето на чистата животна средина и главното место на шумите во неа“, рече градоначалникот и објасни дека утре во Охрид на површина од 2 хектари месноста викана Орман ќе биде пошумена со 1 810 садници. Во Орман ќе бидат засадени дрвца од типот јасен и аризонски чемпрес.
„Во акцијата утре ќе бидат вклучени учениците од сите охридски основни училишта како и најмладите згрижени во објектите на детската градинка “Јасна Ристеска“. Тие ќе засадуваат дрвца во дворниот простор на воспитно- образовните институции. Со тоа најмладите ќе придонесат во разубавувањето на средината во која го минуваат поголемиот дел од училишните денови“, додаде Градоначалникот и истакна дека во акцијата ќе се вклучат и средношколците од сите охридски средни училишта. Тие заедно со вработените во Општината и Јавните претпријатија , покрај во училишните дворови ќе садат дрвца во месноста Орман.
Акцијата Ден на дрвото- засади ја својата иднина , е поддржана од Владата на Република Македонија со сите надлежни министерства, Заедницата на локалната самоуправа (ЗЕЛС), општините, и ЈП „Македонски шуми“.
До месноста Орман каде утре ќе се пошумува ,од страна на организаторите се обезбедени автобуси за бесплатен превоз . Автобусите ќе поаѓаат во 9 и 11 часот и тоа два од пред ОЕМУЦ “Св. Наум Охридски“, два автобуси пред ОУТУ “Ванчо Питошески“, два од пред ОСУ “Св. Климент Охридски“ и еден автобус од пред зградата на општина Охрид.
Идејата за пошумена Македонија преку засадување на иднината се појави во август 2007 година, кога амбасадорот на мирот на УНЕСКО, светски познатиот баритон, маестро Борис Трајанов, поттикнува проект за масовно засадување на голините и опустошените планини. Акцијата за прв пат се реализира во 2008 година и во континуитет трае до денес.