Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „тешка телесна повреда во обид“ Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против И.Р.(36) од Охрид.
На 23-ти минатиот месец, пријавениот со неколку убоди со нож во пределот на десната препона и левата надколеница му нанел телесни повреди на Б.Р. од Охрид. Настанот се случил околу 23 часот кога во угостителскиот објект „Ноа“ пристигнал Б.Р. во друштво со неговиот брат и уште неколку пријатели. Забележувајќи го неговото доаѓање, пријавениот И.Р. кој се наоѓал во објектот, веднаш пристапил до нивната маса и веднаш почнал вербална расправија навредувајќи го со мноштво погрдни зборови. Во моментот реагирале дел од присутните на масата кои го замолиле пријавениот да престане со навредите и да го напушти објектот.
За кратко ситуацијата се смирила по што сега пријавениот се упатил кон излезот на угостителскиот објект. Во следниот момент тој се вратил назад, продолжил со навредите и се втурнал кон Б.Р. по што настанала турканица во која двајцата паднале на подот. Тогаш пријавениот И.Р. извадил нож на преклопување со сечиво од 9 сантиметри и успеал на Б.Р. да му нанесе неколку убоди во пределот на десната препона и левата надколеница.
На местото на настанот извршен е увид, фотографирање и подигање на ножот кој заедно со други предмети се испратени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.