Во организација на Европската Комисија, преку инструментот за предпристапна помош (TAIEX) и во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија, од 1 до 3 декември во Скопје се одржа работилница „Спроведување на легислативата на Европската унија за aквакултура“ на која беше презентирано европското законодавство и искуството на земјите членки на ЕУ во оваа област на која покрај официјалните ветеринари на Агенцијата, учествуваа и претставници од Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, од Факултетот за ветеринарсна медицина, од Хидробилошкиот завод од Охрид, како и производители на риба, членки на здруженијата на одгледувачи на риби.
На работилницата фокус беше ставен на здравјето на животните, вршењето на службена контрола, како и на хигиенските услови во примарното производство, специфичните болести кај аквакултурата и начинот како да се воспостави баланс меѓу здравјето на животните и јавното здравство во делот на аквакултурата.
Како што истакна Симо Костов, раководител на Одделението за државна инспекција за здравствена заштита на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство овозможува интегриран пристап во спроведување на мерките за здравствената заштита на рибите, ставањето во промет на аквакултура и контрола на увозот на аквакултура.
„Надлежни сме за изготвување и предлагање на програми за надзор, изготвување на подзаконски акти кои се однесуваат на акватичните животни, контрола на здравствената заштита кај аквакултурата, контрола на примарното производство на аквакултура, водење на регистар на објекти за производство и за преработка на аквакултура и безбедноста на производите од аквакултура кои се пласираат на пазарот. Желбата и потребата за конкурентност на пазарите на Европската Унија и третите земји, наметнуваат потреба Република Македонија да ги следи европските критериуми во однос на условите за ставање во промет на аквакултура, нејзината намена и начинот на вршење на официјални контроли при ставање во промет на аквакултурата“ – истакна Костов.
Во текот на изминатите две години (2013 и 2014 година), како што објасни тој, се постигна значителен напредок во однос на донесување на подзаконски акти кои детално ја уредуваат оваа област и кои целосно се усогласени со законодавтсвото на ЕУ но ги следат и најновите препораки и стандарди на Светската организација за заштита на животните – ОИЕ и Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации- ФАО.
„Во согласност со Законот за идентификација и регистрација на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство воспостави и води регистар на објекти за производство на аквакултура, кој досега брои 103 активни одгледувалишта-рибници. Регистарот е еден од предусловите за спроведување на соодветна програма за надзор на болестите кај акватичните животни. Нашата држава располага со голем број природни ресурси и голем потенцијал за развој и подобрување на производството на аквакултура, а со тоа и постигнување на конкурентност на странските пазари. Соодветната здравствена заштита на аквакултурата и постигнувањето на зони или оддели слободни од болест ќе овозможи земјата да го декларира својот статус во однос на болести а со тоа ќе ги исполни условите за слободна трговија на аквакултура“ – истакна Костов.
Тој изрази надеж дека работилницата ќе ги продлабочи знаењата во однос на здравствена заштита на аквакултурата, официјалните контроли во примарно производство и болести кај акватичните животни и ќе даде позитивен импулс во спроведувањето и реализирањето на идните активности кои се однесуваат на аквакултурата.