СДСМ: Градоначалникот и ВМРО-ДПМНЕ ништо не остварија

ОО на СДСМ Охрид, денес испрати соопштение до медиумите, во кое се вели:

„Новите нацрт развојни програми за работата на локалната самоуправа во наредната година уште еднаш ја покажаа безидејноста и неспособноста на општинската администрација да се справи со актуелните проблеми на граѓаните во Општина Охрид.

Многу е несериозно и крајно непрофесионално да се проектира општинскиот буџет за наредната година, а притоа нацрт програмите да не содржат прецизно одредени вредности и суми на предложените развојни проекти.

Најголемиот дел од предложените проекти всушност претставуваат нереализирани проекти од минатите три години и само се препишуваат и се пренесуваат во програмите за секоја наредна година. Останатите проекти се наведени исклучиво според паушални и популистички критериуми и не ги содржат ни основните структурни и функционални елементи на еден издржен развоен проект.

Градоначалникот Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ до овој момент, и по цели 20 месеци од преземањето на власта, не успеаја да реализираат ниту еден од приоритетните капитални проекти што им ги ветија на охриѓани на последните локални избори. Поразителен е фактот дека ниту една од приоритетните инвестиции, наведени на стр. 11 од нивната изборна програма, до сега не е остварена.

Граѓаните со право прашуваат каде се ветените катни гаражи, кружни раскрсници, автобуската станица, современиот пазар, домот за стари лица, затворениот базен, скијачкиот центар, индустриската развојна зона и уште многу други најавени проекти.“– стои во соопштението на ОО на СДСМ Охрид.