Индекси на трошоците на животот според COICOP и цени на мало

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во ноември 2014, во однос на претходниот месец, изнесува 100.0, а индексот на цените на мало 99.7.

Индексот на трошоците на животот во ноември 2014 година е на исто ниво со претходниот месец, но е забележано движење на цените во подгрупите. Пораст е забележан кај: свежиот зеленчук за 5.0%, други прехранбени производи за 0.7%, јајцата и конзервираните месни производи за 0.6%, алкохолните пијалаци за 0.5%, лебот и житариците и рибата за 0.2%.

Исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај: цврстите горива за 5.0%,авионскиот превоз на патници за 2.8%, услугите за сместување за 1.8%, текстилот за домаќинствата, големи електрични апарати, алати и опрема за куќа и градина за 0.4%.

Намалување на индексот на трошоците на животот во ноември 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото овошје за 5.0%, месото за 0.4% и кондиторските производи за 0.2%.

Во ноември, исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 6.3%, автомобилите за 6.1%, течните горива за домаќинствата за 4.7%, течните горива и мазива за 3.9%, информатичката опрема за 2.9%, средствата за чистење и одржување на станот за 0.9%, мебелот за 0.6% и стоматолошките услуги за 0.4%.

Индексот на трошоците на животот во ноември 2014 година, во споредба со ноември 2013 година, бележи намалување од 0.3%, а индексот на цените на мало бележи намалување од 1.7%.