Превентивна кампања против пиротехничките средства, а за „Среќна и безбедна 2015”

Со денешната показна вежба и предавање во скопското ООУ “Кирил Пејчиновиќ“ Одделението за превенција при СВР Скопје ја започна кампањата – “Среќна и безбедна 2015”, која ќе се одвива низ училиштата во општина Кисела Вода.

Во организација на полициската станица Кисела Вода, во соработка со општината, со Црвениот Крст и со сите општински основни училишта, на учениците стручно и практично им беше укажано на опасноста од употребата на петарди и други пиротехнички средства. Притоа беа посочени разните штетните последици, што учениците можеа да ги видат и при симулациската вежба во која учествуваа и полициски службеници и припадници на Црвениот Крст.

Оваа кампања, која започна од општина Кисела Вода, ќе биде спроведена во сите основни и средни училишта. Инаку, според статистичките податоци секоја година од употеба на петарди и други пиротехнички средства, во светот страдат 150.000 лица кои остануваат трајни инвалиди, а дури 80 проценти од оваа бројка се деца, при што 4 од 10 повредени деца се на возраст под 15 години.