Министерот Адеми поштиша меморандум за реализација на проектот „Деца со пречки во видот“

Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, проф. д-р Замир Дика, потпишаа Меморандум за соработка. Со потпишувањето на Меморандумот се обврзаа на реализација на проектот на УСАИД „Деца со пречки во видот“ кој ќе се спроведе во едно основно и едно средно училиште во Тетово, Охрид, Битола, Штип и во Државното училиште за ученици со оштетен вид „Димитар Влахов “ во Скопје. Адеми истакна дека целта на соработката е да се подобри и зголеми степенот на писменост кај овие деца со употреба на Браевата азбука.

„Ние како Министерство, на Универзитетот ќе му обезбедиме одобрение за пристап до учебниците за учениците во основните училишта во Република Македонија. Станува збор за учебници кои се одобрени за нивна употреба и чиј издавач е министерството, а истите можат да се најдат во електронска форма на порталот e-ucebnici.mk. Во соработка со Институтот за дефектологија од Скопје, со слепите и слабовидни лица, ќе работат дефектолози, ќе одржуваат часови, во училиштата во четирите општини во кои ќе се реализира проектот „Деца со пречки во видот““, рече Адеми.

Министерот додаде дека двете институции заедно ќе работат на имплементацијата на проектот „Деца со пречки во видот“ кој е од исклучителна важност за за слабовидните лица и лицата со оштетен вид, со цел унапредување на образовниот процес со содржини кои ќе бидат прилагодени на нивните можности и посебни образовни потреби.