Антологиски избори од македонската литература преведени на шест јазици

Проектот „135 тома македонска книжевност“ кој интегрално беше преведен на англиски јазик, сублимирано ќе биде достапен на уште шест јазици, во антологиски избори во издание на НУБ „Св. Климент Охридски“.

Едицијата ќе има вкупно 48 книги-антологии (за македонската поезија, расказ и драма, избор од македонската литература за деца и од македонската критика и есеистика и двотомен преглед на македонскиот роман) на француски, германски, шпански, руски, кинески и на арапски јазик.

Министерството за култура денеска ги промовираше првите десет изданија (антологии) од проектот кој е именуван „Превод на дела од македонската книжевност на шест странски јазици“: избор од македонската поезија преведена на руски јазик, современа драма на руски, шпански и на француски јазик, македонскиот расказ во превод на кинески и на руски, македонскиот есеј на шпански и на кинески јазик и Антологијата на македонскиот роман, том 1, на руски и на германски јазик.

На промоцијата на првите преведени избори премиерот Никола Груевски истакна дека со новите преводи ќе им биде доближена нашата култура и богато литературно творештво на голем број љубители на литературата надвор од Република Македонија.

„Еден цел серијал од жанрови и дела од сите генерации македонски творци преку овој проект ќе станат достапни за граѓаните на многу држави и од повеќе јазични подрачја. Со тоа уште еднаш ја покажуваме нашата посветеност за валоризација на нашата литературна мисла и нејзината афирмација на светската литературна сцена. Убеден сум дека овие антологии ќе најдат место во многу национални библиотеки, читални, научнообразовни институции и приватни домови, со што на целата светска јавност ќе и биде достапен еден добро одбран и репрезентативен избор на најдоброто од македонската книжевност“, рече Груевски.

Тој ги спомна и другите капитални литературни и обрзовни проекти кои ги спроведува Владата во изминатите години. Покрај 130-те тома македонска книжевност, објавени се и дела во едициите „Нобеловци“ и „Ѕвезди на светската книжевност“, изданијата од проектот „Превод на 1.000 стручни книги“, како и проектите „Македонски искушенија“, „Македонски дејци“ и „Pro Macedonia“.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска соопшти дека по завршувањето на новиот проект, антологиите потоа ќе бидат дистрибуирани во национални библиотеки и научнообразовни центри во земји во кои се говорат јазиците.

„Новата едиција ќе му ги соопшти на светот пораките од пишаните мозаици на македонското литературно творештво, од сите жанрови и од сите генерации македонски творци кои сведочат за развојните процеси на македонската литературна, културна и национална мисла. Уверена сум ќе биде убава можност, богатството на македонската примарна книжевна продукција да прозвучи на останати јазици кои ќе ја доловат суптилноста на македонската творечка мисла,“ истакна Канческа-Милевска.

Првите десет избори ги промовираше писателот Раде Силјан, кој е меѓу седумтемина составувачи на едицијата. Тој рече дека е направен селективен избор на дела од македонската поезија, проза, драма и есеј и дека во издавачкиот зафат рамноправен третман имале и втемелувачите на македонскиот литературен збор, нивните следбеници и најмладите автори.

„Направен е обид да се понуди објективна слика во големите јазични подрачја, за творечките дострели на сите писатели претставници на различни генерации и етноси кои живеат и создаваат во Република Македонија. Заложбата за антологиско претставување треба да продолжи и во наредните години, со една единствена цел – во догледно време да дојдеме до поголема меѓународна афирмација на нашите книжевни вредности,“ истакна Силјан.

Покрај него, составувачи на едицијата се и: Санде Стојчевски, Веле Смилевски, Бранко Цветкоски, Јелена Лужина, Венко Андоновски и Иван Џепароски.

Носител на проектот е НУБ „Св. Климент Охридски“. Директорот на НУБ Иван Заров му се заблагодари на колективот на НУБ вклучен во неговата реализација – стручната редакција, преведувачите и на сите други учесници.