Кривична пријава за жител од Велешта поради спречување службено лице во вршење службени дејствија

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „спречување службено лице во вршење службени дејствија“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Б.Ќ.(24) од струшкото село Велешта.

На 23 минатиот месец, на регионалниот пат Струга-Дебар, пријавениот бил забележан како со товарно моторно возило марка „Мерцедес“ со струшки регистарски ознаки превезува огревно дрво.

При контрола и преглед на возилото, патролата на шумската полиција констатирала дека приколката од камионот била натоварена со осум метри просторни дабово огревно дрво, за кое пријавениот Б.Ќ. не поседувал соодветна документација.

Тој, по констатирањето на прекршокот, побарал од двајцата шумски полицајци да не му пишуваат пријава и да го пуштат да си замине. Откако барањето му било одбиено, пријавениот Б.Ќ. го стартовал возилото и директно загрозувајќи ја безбедноста на еден од шумските полицајци кој бил пред товарниот каминот, успеал да избега упатувајќи се према селото Велешта.