Објавен законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки

Од Царинската Управа информираат дека во Службен весник број 180 од 05.12.2014 година е објавен Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки. Со овој закон се уредени условите и постапката за издавање на одобрение и лиценца за вршење на работи на застапување пред царинските органи заради спроведување на дејствија и формалности пропишани со царинските прописи, условите и постапката за полагање на стручен испит за лиценциран застапник, начинот на кој се спроведува контролата над работата на овластените царински застапници и лиценцираните застапници, како и видот на евиденциите кои се водат, а воедно се пропишуваат и прекршоци со соодветни глоби за непочитување на законските одредби.

Имено, за разлика од претходните одредби на членот 6 на Царинскиот закон, со овој Закон се зајакнуваат условите и критериумите за издавање на одобрение и лиценца за застапување во царинските постапки со пропишување на дополнителни услови како што е располагањето со деловен простор и опрема за вршење на застапување во царински постапки соодветнa за пристапување до компјутерскиот систем на Царинската управа и приложување на гаранција со која овластениот царински застапник ќе го гарантира исполнувањето на обврските кои може да произлезат од вршењето на застапување, додека за издавање на лиценца за вршење на застапување лиценцираните застапници задолжително треба да имаат познавање на англиски јазик, а се воведува и обврска за посетување на дополнителна обука еднаш годишно.
.
Во делот на полагањето на стручниот испит на лиценциран застапник се воведува електронско полагање на стручниот испит, задолжително посетување на претходна обука и добивање на соодветно уверение, како и дополнување на тематските области по кои се полага испитот со транзитна постапка.