Мини-плоштад се гради кај Музичкото училиште

Наскоро, во непосредна близина на основното Музичко училиште „Методи Патче“ ќе никне мини-плоштад. На овој простор до неодамна беа поставени незаконски времени објекти кои го нагрдуваа овој централен дел од Охрид. Градежните активности за уредување на просторот започнаа денес, а градоначалникот Никола Бакрачески кој беше на лице место во истакна дека овој дел од градот ќе стане привлечно катче за одмор на возрасните и забава на помладите.

„Просторот партерно и хорти-културно ќе го уредуваме, а предвидени се и поплочени пешачки површини на кои ќе бидат поставени елементи од урбана опрема: клупи, мини-фонтана и канти за отпадоци. Просторот ќе биде осветлен со канделабри, странични ѕидни светилки, а ќе има и подно осветлување. На дел од локацијата предвидено е да бидат поставени и детски реквизити. На овој начин просторот ќе биде една целина и ќе биде привлечен за сите оние кои ќе сакаат на ова место да се рекреираат, забавуваат, да се фотографираат и да понесат убави спомени од овој дел од градот. Ваквите проекти односно изградба на мини-плоштади ја подобруваат туристичката „разгледница“ на Охрид. Доволна потврда за тоа се мини-плоштадите кај некогашната Библиотека во населбата Влашка маала и во Рача кој плоштад наскоро свечено ќе биде ставен во употреба. Мини-плоштадите станаа привлечни места за туристите кои се многубројни во летниот период од годинава“, – истакна градоначалникот Бакрачески. 

Проектот е под целосна финансиска капа на Општина Охрид, а во неговата реализација ќе бидат вклучени сите општински јавни претпријатија. Истиот се очекува да биде готов до 19-ти јануари односно кога Охрид е домаќин на една од најмасовните и најважни верски манифестации кај нас, Богојавление –Водици.