Заев: Бакрачески победи на криминални избори

Бомбардирањето го има во државава, но се уште се нема случено експлозијата. Власта се ниша од сите страни. На тацна ќе ги претставиме сите аргументи и докази, но и тогаш не можеме да и наштетиме на Македонија, туку ќе го трнеме злото од неа.

Ова на трибината „Заедно од проблеми до решенија“ што ја организира Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Охрид го изјави претседателот на оваа партија, Зоран Заев.

„Нашето сценарио коешто допрва ќе се случува мора да вроди со успех, злото да го нема ама да ги отвори патиштата кон иднината на оваа наша земја. Тоа е конечната цел кон која се стремиме“, рече Заев.

Тој уште еднаш најави дека враќање на опозициските пратеници во Парламентот нема да има.

„Ние не водиме инает. Покажавме и доблест, и големина, и чувство за државата сите овие години наназад.Се враќавме во Парламентот, преговаравме, дававме шанса заради државата. Преговаравме и за Изборен законик, но тоа се злоупотреби на најдрзок и безобразен начин. Денеска нема држава и државни институции, денеска се’ е партија“, истакна Заев.

Како што додаде тој, овие денови државниот грб е актулена тема за да се одвлече единствено народот од секојдневните проблеми.

„Во ова време на голема криза дебатата за грбот е последната работа за која треба да се дебатира. Ај што го украдоа историското ВМРО и имаат лав на нивните партиски книшки, сега сакаат да го стават на пасошите и на другите лични документи. Тоа го прават толку перфидно и со зла мисла. Симболот којшто е на круната, кој одбележува своевиден бедем со пет кули, има за цел да каже дека државата – тоа сме ние. Петте кули го одбележуваат злосторничкото здружување на пет организации кои денеска ја доведоа Македонија на ова дереџе, партијата на власт, државата, судството, полицијата и медиумите. Со тоа кажуваат дека се бедем, а ние бомбата токму под тој бедем ќе ја ставиме“, рече Заев.

Зборувајќи за актуелните протести на студентите, првиот човек на СДСМ, Зоран Заев нагласи дека премиерот Груевски не може да попушти пред студентите зашто, како што рече, образованието е уништено системски во изминатите осум и пол години.

„Токму тие за кои ја градиме државата, се охрабрија и ја покажаа својата авангардност. Се одважија и се појавија на улиците да ја испратат пораката. Тој вели, тоа е СДСМ, опозицијата. Пак е СДСМ е виновна. Се креваат одредни штрајкови и пак Заев и СДСМ се виновни. Порано беше Бранко, сега Заев е виновен. Девет години е премиер и четири години е министер во Влада. Тоа се 13 години од вкупно 23 години самостојна Македонија во кои тој ја води државата и денеска се уште Заев е виновен, СДСМ е виновна, постојано кај нас е вината“, им се обрати Заев на охриѓани.

Заев рече дека дел од доказите што ги има СДСМ покажуваат оти изборите во 2013 и 2014 година биле апсолутно криминални.

„Ова што ви се случи во 2013 и 2014 година не е пораз, туку кражба. Кога ќе ги обелодениме доказите ќе видите дека вие сте победници. Но кога ќе слушне Бакрачески како во 2013 година станал градоначалник и како победил, не знам како ќе достои на својата позиција“, истакна Заев.

Лидерот на СДСМ реагираше и на начинот на којшто, како што рече, власта ги приведува граѓаните. Според него, Македонија има и политички затвореници, а поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески бил осуден од јавноста токму со начинот на неговото приведување.

„Поранешниот градоначалник на Охрид е во притвор со неколку соработници. Не сакам да тврдам дали има кривично дело или не. Јас сакам да реагирам на притворот како мерка. Една и пол година, Александар Петрески не е градоначалник, а и кога беше, знаеме под каква пресија ја водеше општината. Една и пол година чекаа за му изречат мерка притвор, за да го апсат него и неговите соработници. Зошто? Вработувал времено пред избори. Има три, четири, пет илјади времено вработени кои не одат на работа. До ден денеска, пред сите избори тоа го прави власта. Има судство, се поднесува кривична привична пријава и во фер судска постапка се носи пресуда. Но Аце денеска е виновен во очите на јавноста со притворот“, рече Заев.

Тој најави, доколку СДСМ биде на власт дека ќе го укине екстерното тестирање во основните и средните училишта и на факултетите, ќе ја врати средната класа и ќе воведе правично оданочувње.

Заменик-претседателката на најголемата опозициска партија во Македонија, Радмила Шеќеринска обвини дека девет години Македонија не направила ниту еден чекор на патот кон Европската унија.

„Вчера беше донесен уште еден ист заклучок на земјите членки на ЕУ кај што ни кажаа вест на која веќе се навикнамве, дека уште 12 месеци Македонија ќе помине во ЕУ-чекалницата. Ниту е прв, ниту втор пат. Деветта година Македонија не може да мрдне чекор понапред. Го губи чекорот со сите свои соседи“, рече Шеќеринска.

Таа пред граѓаните на Охрид рече дека власта му ја дала на Индиецот Субрата Рој најубавата земја на крајбрежјето.

„Ја дадоа најубавата земја на човек кого тогаш судовите на Индија го бараа. Каде е извршителот да му го пратат на Субрата Рој, или ако не нему, тогаш на неговите пријатели овде, Груевски и Ставрески. Кога велеа дека милиони евра ќе дојделе, се гушкаа и бакнуваа со него. Сега велат не знаевме ние дали Субрата Рој ќе инвестира. Во оваа држава божем сите сме еднакви, ама некои се поеднакви од останатите“, рече Шеќеринска.

Кандидатот за претседател на РМ од здружената опозиција предводена од СДСМ Стево Пендаровски на трибината обвини дека додека сите премиери трчаат по нивниот кинески колега, македонскиот, како што рече, оди во Саудиска Арабија.

„На последниот Самит пред два дена во Белград на земјите од Централна и Источна Европа со НР Кина, велесилата во економска смисла, учествуваа 16 премиери. Од сите страни иамеш конкретни проекти што сакаат тие да направат со таа велесила, а нашите заминаа по инвестиции во Саудиска Арабија. Саудиска Арабија може да извезува само две работи, нафта и вахабизам“, рече Пендаровски.

На трибината на СДСМ во Охрид учествуваа и потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, како и претседателите на повеќе партиски комисии, но и претставници на коалициските партнери на опозицијата.

sdsmohrid2

Извор: Супер радио/А.Р.