Република Македонија може да смета на поддршката на новиот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, во однос на членството во Европската унија, порача претседателот на македонската Влада Никола Груевски, по денешната средба со Туск во Брисел. Наследникот на Херман ван Ромпуј се интересирал за реформите во земјата, ги пофалил потезите во економијата, а најголем дел од средбата минал во дискусија за причината на грчката блокада за започнување на пристапните преговори на Македонија со Унијата, а тоа е наметнатото прашање за името.
„Средбата со Туск помина одлично. Разговаравме за приоритетите на ЕУ и за приоритетите на Република Македонија, како и за начинот и постапките за како побрзо да се приближиме до Унијата. Јас се фокусирав на многуте реформи што ние во земјата ги правиме и многуте напори што ги вложуваме во различни сектори, при што навлегов поконкретно во неколку сектори. Образложив за она што го правиме во судството, администрацијата, најновите реформи во секторот образование, како и во економијата“, вели премиерот Груевски во изјава за МИА по средбата.
Според првиот човек на македонската Влада, Туск бил позитивно изненаден од македонскиот прогрес во економијата и фактот што земјата, по Англија има најголем економски раст во Европа, а лани имала трет најголем раст. Челникот на Евросоветот, според Груевски, се интересирал во детали за овој сегмент, како и за македонскиот извоз и кои компоненти најмногу се извезуваат и на каков начин тоа се обезбедува.
Премиерот Никола Груевски додаде дека неизбежно било да се спомене и главната пречка за започнување на преговорите за членство на Република Македонија во Унијата. Во тој поглед, според првиот човек на македонската Влада, нашата земја ја има поддршка на Туск, со кого Груевски напомена дека се познава долго време, од нивните средби во рамки на Европската народна партија (ЕПП), а и повеќепати се сретнале на билатерално ниво како премиери на две држави, додека Туск беше на чело на Владата на Полска.
„Од тој аспект, Туск секогаш се декларирал дека тие се поддржувачи на членството на Македонија во ЕУ, т.е. за отпочнување на пристапните преговори. Сепак, тоа не зависи само од него, потребна е одлука за која ќе гласаат сите земји-членки на ЕУ. Тој може да помогне од својата сегашна значајна функција, со која има влијание, но за одлуката за отворање на преговорите за членство на Македонија е потребна согласност на сите ЕУ-земји. Разговаравме многу за тие детали и што се случува на тој план, кои се последните информации. Лично сметам дека, како и досега како премиер на Полска, така и понатаму, можеме да сметаме на поддршката на Туск и дека од таа гледна точка ние немаме некој проблем и треба да продолжиме со нашите реформи и пред се да работиме и понатаму, како и досега, на изнаоѓање начин како да се надмине прашањето со нашиот јужен сосед,“ заврши Груевски.
Инаку, средбата Туск-Груевски, претходно беше закажана за денеска попладне, но поради раното завршување на декемврискиот Самит на Европскиот совет, таа се одржа на пладне во зградата „Жустус Липсиус” во европската престолнина. А, поддршката за отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ од страна на претседателот на Советот, доаѓа по вчерашното ветување на претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Жозеф Дол, кој рече дека лично ќе се зафати со прашањето за името напролет, со цел да дојде до негово конечно решение.