Новогодишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов

Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, по повод Новата година упати честитка до сите граѓани.

„Почитувани граѓани на Република Македонија,

Празниците се момент за нова надеж и нова верба дека ни претстои подобра и поуспешна година за сите нас. Празниците се момент кога си посакуваме многу здравје, многу радост и многу среќа во годината што доаѓа.

На прагот на новата година благодарни сме на сите граѓани кои нѐ израдуваа, охрабрија и нѐ поттикнаа на добри мисли и добри дела.

Благодарни сме на трудољубивите стопанственици и земјоделци. Благодарни сме на грижливите родители. Благодарни сме на уметниците кои со своите дела, изложби и изведби ги освoјуваа светските сцени.

Благодарни сме на нашите спортисти и талентираните млади научници кои освојуваа признанија за Македонија.

Благодарни сме на храбрите македонски војници кои будно ја чуваа нашата безбедност.

Благодарни сме на сите оние кои ја сакаат, почитуваат и чуваат Македонија.
Сите ние сме различни, но суштински сме еднакви. Секој од нас придонесува кон создавањето на сликата која другите ја имаат за нашата татковина Македонија.

Драги сограѓани,

Претстојните празници се и можност да се потсетиме на вистинските вредности од кои произлегуваат нашите мисли и зборови, нашите дела и навики, но и нашата иднина.
Затоа, да им се радуваме на малите нешта што ја чинат големината на животот.

Да им го посветиме сето наше внимание, нашата љубов и почит на нашите семејства, на нашите деца, на нашите соседи и пријатели.

Да ги споделиме добрите мисли и надежи со болните, со немоќните и со сите оние на кои им е потребна нашата утеха, помош и поддршка.

Да ја негуваме нашата традиција на соживот со почитување и прифаќање на различните од нас.

Да ја градиме Република Македонија според највисоките европски вредности, критериуми и стандарди.

Во сè што правиме, да и го посакуваме на Македонија највозвишеното. Да продолжиме да се престигнуваме во добрина затоа што од нас самите зависи иднината на Македонија.

Заедно со моето семејство Ви посакувам Вам, на сите граѓани на Република Македонија, во татковината, но и надвор од неа, среќни и радосни новогодишни и божиќни празници.

Среќна Нова 2015-та година!“– стои во честитката.