Честитка на претседателот Иванов по повод големиот празник раѓањето Христово – Божиќ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник раѓањето Христово – Божиќ.

„Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник, Рождество Христово – Божиќ.

На овој величествен ден чувствуваме радост и благодарност кон блиските, потсетувајќи се дека најголемата среќа е во едноставните работи, во топлината на домот и миговите поминати со семејството и ближните, во благородните дела кон оние на кои им е потребна нашата помош споделувајќи добрина и меѓусебно разбирање. Божиќ е празник на мирот, празник на слогата и на единството. Одбележувајќи го Христовото раѓање ја славиме безусловната љубов како онаа која мајката ја дава на своето дете, ја славиме победата над предрасудите, разликите и поделбите. Овој празник нe потсетува на учењето на Божјиот син, да бидеме човечни и хумани, да бидеме солидарни и праведни. И во годините кои следат соживотот, заемното помагање и почитување треба да се наша водилка, наш белег и заложба.

Ваше Блаженство, честитајќи Ви го големиот христијански празник, Ви посакувам добро здравје и спокоен духовен живот. На верниците од православна христијанска вероисповед им посакувам убаво празнично расположение, опкружени со своите најблиски и исполнети со радост.

Христос се роди!“– стои во честитката.