Потопена антикварница среде Охрид

Временските неприлики беа тешки за охриѓани и за посетителите на Охрид за време на божикните празници, но сепак најтешко му беше на сопственикот на антикварницата и книжарница „Аз бук мулти медија“ која буквално беше потопена во вода. Имено, во време на бадниковата вечер кога сегде се палеа огнови, сред Охрид, во познатата зграда „Печијаре“ во една од адвокатските канцеларии на првиот спрат пукнала водоводна цевка и водата навлегла во долните спратови каде е сместена антикварницата и книжарница „Азбук мултимедија“ и клубот „Интеракција“.

Според Владо Тренески, претседател на клубот „Интеракција“ кој ги користи просториите на „Азбук мултимедија“, направена е огромна штета со оглед дека се уништени бројни антиквитети, документи, книги, музички албуми, лонгплејки, компјутерска техника и раритетни експонати за чија вредност и обесштетување се повикани истражен судија и вештаци од Основниот суд во Охрид. Првичните проценки на сопственикот се дека штетата се движи од 30 до 40 илјади евра со оглед на значењето на оштетените антиквитети.

Сопственикот заедно со вештаците деновиве работат на обезбедување на докази за точно направената штета по потопувањето на антикварницата, и доколку не се изнајде меѓусебен договор со сопдственикот на адвокатската канцеларија од каде протече водата, целата работа заедно со доказите ќе биде дадена во судска постапка.

WebOhrid