Босна и Херцеговина 22-25 Македонија

Македонската ракометна репрезентација го одигра третиот натпревар на Светското првенство во Катар. Денес нашата репрезентација ја забележа својата трета победа на ова натпреварување, овој пат против Босна и Херцеговина со резултат 22-25.

Иако БиХ и Македонија влегоа во овој дуел како „рамо до рамо“ репрезентации, сепак не беше таква сликата на почетокот од натпреварот, особено од лошата игра на Босна и Херцеговина, а за нивниот лош старт доволно зборува и тоа што првиот гол го постигнаа по точно 7 минути игра, додека пак вториот во 11-та минута. Но, за нивна среќа следуваше пад на концентрацијата на ракометарите на Македонија, што резултираше со израмнување на резултатот на 6-6 во 18-та минута. Потоа следуваше израмнета битка, а во последните минути од првото полувреме Македонија беше за нијанса подобра и сосема заслужено, со предност од 2 голови замина на полувреме со резултат 11-13.

Второто полувреме започна со напад на репрезентацијата на БиХ кој веднаш беше реализиран од нивна страна, а по неколкуте грешки на Македонија во напад, БиХ успеа да изедначи на 13-13. Следуваше гол-гол игра, нашите постигнуваа гол, а БиХ израмнуваше. Улогите се сменија, БиХ дојде во водство 18-17, но за среќа тоа траеше само кратко. Македонија повторно дојде до предност од 18-20 и предноста од два голови траеше во текот на последните 10 минути, за при крајот на натпреварот таа предност да се зголеми и на 3 голови за конечен резултат 22-25.

Дејан Манасков беше најдобар стрелец на натпреварот со 6 постигнати голови.

Со оваа победа Македонија обезбеди пласман во осминафиналето на ова Светско првенство.

Следниот натпревар од групата Македонија ќе го игра против Хрватска на 21 јануари (среда) во 17:00 часот.

WebOhrid