Претседателот Иванов присуствуваше на одбележувањето на Богојавление – Водици во Тетово и во Гостивар

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици, што се одржа во Тетово и во Гостивар.

Во Тетово претседателот Иванов присуствуваше на богослужбата во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј”, со која чиноначалствуваше митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, и на церемонијата на положување на светиот крст. Даниел Милошески беше најсреќниот меѓу верниците и го фати светиот крст на денешното одбележување на Водици, а од претседателот Иванов на подарок доби филигрански крст.

Во Гостивар, во Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица”, македонскиот претседател се приклучи кон литијата која се упати кон мостот на реката Вардар, каде се одржа церемонија на положување на светиот крст, прва во речиси седум децении. Најсреќен меѓу десетината верници, кој го фати светиот крст, беше Дарко Лавдинов, кој од претседателот Иванов на подарок доби филигрански крст.

vodici1