Македонија 26-29 Хрватска

Македонија го претрпе првиот пораз на Светкото ракометно првенство кое се игра во Катар. Нашата репрезентација во цврст натпревар загуби со 26-29 од Хрватска.

Добро започна овој натпревар за нашата репрезентација. Македонија го отвори резултатот, играше добро и за брзо време успеа да стигне до 4 голови предност со резултат 9-5. Следуваше тајм-аут за Хрватска после кој противникот успеа да изедначи на 9-9. Следуваше период на гол-гол игра во кој Македонија прва постигнуваше погодок. Сето тоа траеше до последните две минути од првиот дел кога Хрватска успеа да дојде во водство, Македонија изедначи, но последниот напад го имаше Хрватска при што постигна гол и обезбеди предност од еден гол на полувреме 14-15.

Второто полувреме започна ефикасно, за кратко време беше анулирана предноста на Хрватска, но само до 17-17. Потоа нашата репрезентација имаше пад во играта, со грешки и без ефикасност. Хрватска не грешеше и постигнуваше голови, па успеа да достигне предност од 5 голови за резултат 17-22. Иако имаше уште време, оваа предност беше речиси невозможно да се достигне. Нашите ракометари одиграа солидно при следните напади, дури и намалија на 2 голови разлика (22-24), но и Хрватска постигнуваше голови и не дозволи никакви изненадувања до крајот од натпреварот. На крајот Хрватска сосема заслужено победи со резултат 26-29.

За играч на натпреварот беше прогласен хрватскиот голман – Алиловиќ.

Следниот натпревар Македонија го игра во петок против Австрија со почеток во 17:00 часот.

WebOhrid