Министерката за култура се сретна со Џон Ралстон Сол, претседател на Меѓународниот ПЕН-центар

Хондурас и Мексико се меѓу најлошите земји за слобода на изразувањето. На многумина животите им се секојдневно загрозени. Ќе го користам примерот на Балканската ПЕН-мрежа, како може тие да соработуваат, додаде претседателот на Меѓународниот ПЕН …

„Меѓународниот ПЕН-центар е срцето на разноликоста и е многу важно тоа што Министерството за култура на РМ го поддржува учеството на македонски писатели на средби на Меѓународниот ПЕН. Тоа е вратата за промовирање на македонската култура“ – рече канадскиот писател и есеист Џон Ралстон Сол, претседател на Меѓународната писателска асоцијација. Тој деновиве е во Македонија, а по средбата со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска изјави дека е задоволен од поддршката што ја добива Македонскиот ПЕН од Министерството за култура.

„Ние сме најстарата организација на граѓанското општество, дури сме постари и од многу земји, а постари сме и од сите корпорации во светот. Всушност, ние ги имаме измислено организациите на граѓанското општество. Ги носиме сите јазици во повеќе од 100 земји во светот и важно е да се каже дека сме ние балансот меѓу литературата и слободата на изразувањето. Колку повеќе функционира слободата на изразувањето, функционира и литературата и обратно “– рече Ралстон Сол, кој од 2009 година го раководи Меѓународниот ПЕН. Тој ги пофали проектите на Министерството за култура за поддршка на издавачката дејност, а го истакна и значењето на Балканската ПЕН-мрежа која е формирана пред три години и има 16 земји-членки од Балканот.

Министерката Елизабета Канческа-Милевска по средбата изјави дека Министерството за култура континуирано соработува со меѓународни организации од културата, а меѓу нив е и Меѓународниот ПЕН-центар, чии проекти во континуитет ги поддржува преку активностите на Македонскиот ПЕН-центар.

„Министерството за култура финансиски партиципира повеќе активности преку кои се интензивира соработката со оваа еминентна писателска асоцијација, како што е и учеството на македонски претставници на годишните собранија на Меѓународниот ПЕН“ – рече Канческа-Милевска. Taa соопшти дека годинава Министерството го поддржува учеството на претставник на Македонскиот ПЕН на 81. Конгрес на Меѓународниот ПЕН во Квебек, Канада, редовно се издвојуваат средства за средби на ПЕН-центрите во регионот, ја поддржува средбата на Балканската ПЕН-мрежа во Белград, како и за организирање на Регионалната конференција на Македонскиот ПЕН која оваа година ќе се одржи по 15-ти пат во Охрид.

Министерството за култура, рече Канческа-Милевска, финансиски го поддржува и долгорочниот проект „Разноликост“, што во 2003 година го почна Комитетот за превод и јазични права на Македонскиот ПЕН-центар во Скопје.

Таа го информираше претседателот на Меѓународниот ПЕН и за крупните проекти во издаваштвото што ги реализира Владата на РМ, за поддршката на меѓународните фестивали за литература, како и за стимулативната мерка за странски издавачи кои ќе преведат и објават дела од македонски автори. Претседателот на Меѓународниот ПЕН-центар истакна дека добрите искуства од инвестирањето во издавачката дејност ќе ги посочува како позитивни примери при средбите на оваа еминентна писателска асоцијација.

На средбата во Министерството за култура присуствуваа и претседателот на Македонскиот ПЕН, Ермис Лафазановски, и потпретседателките на Меѓународниот ПЕН, академик Катица Ќулавкова и Вида Огњеновиќ, како и Јордан Плевнеш, претседател на Охридската академија за хуманизам која во неделата во Охрид на Џон Ралстон Сол му ја додели Светската награда за хуманизам за оваа година.