Голем хуманитарен концерт посветен на Тоше Проески

Во чест на 34-тиот роденден на најголемата македонска музичка ѕвезда, Тоше Проески, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи голем хуманитарен концерт. Концертот е закажан за сабота, 24-ти јануари во 20:00 часот.

Иницијатори за концертот се неговите фанови од Охрид, кои потенцираат дека да се чекори по патот на големиот Тоше и да се следат неговите хумани дела е пред сѐ чест, но и обврска за секој млад човек.

„Тоше Проески има само датум на раѓање и цела вечност за паметење“, додаваат тие.

На концертот ќе настапат млади музички таленти, како и хорот при охридската гимназија кои ќе пејат песни од Тоше. Влезницата е со симболична цена од 100 денари, а средствата собрани од концертот ќе бидат наменети за Дневниот центар за лица со попреченост „Зраци“.