Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска денеска оствари работна средба со Дан Ориан, амбасадор на Државата Израел во Република Македонија. На средбата стана збор за активностите од областа на културата со кои во текот на целата година ќе биде одбележана дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Израел.
Во рамките на одбележувањето на овој настан ќе биде подготвена богата програма преку која македонските културни вредности ќе бидат претставени во Израел, а израелската култура, преку различни содржини, ќе биде презентирана пред македонската публика. Во рамките на програмата за одбележување на јубилејот, со поддршка од Министерството за култура и Амбасадата на Република Македонија во Израел, претставата „Среќен крај“ на Народниот театар од Битола ќе биде прикажана во повеќе градови во Израел, а е предвидено во Тел Авив концерт да одржи и Скопскиот дувачки квинтет. Исто така, кон крајот на март во Македонскиот народен театар ќе се претстави танцувачката театарска група на „Инбал пинто“ и „Авсхалом полак“ од Тел Авив со претставата „Ојстер“ која ќе биде најава за второто издание на Меѓународниот театарски фестивал „МНТ-фест“.
На средбата, двајцата соговорници ги истакнаа добрите културни врски што ги негуваат Израел и Република Македонија, кои се одликуваат со реализација на голем број проекти од сите дејности на културата.
Исто така, министерката за култура нагласи дека во рамките на капиталните проекти на Владата на Република Македонија, односно во проектите „Ѕвезди на светската книжевност“ и „Превод на дела на добитници на Нобелова награда за литература“, застапени се автори од Израел или дела на хебрејски јазик, а и во проектот „Антологија на светската поезија“ ќе бидат презентирани и преводи на познати поетски дела на хебрејски јазик.
Меѓу останатите активности, во 2014 година Министерството за култура го поддржа издавањето на книгата за деца „Кога тато ќе порасне“, чиј автор е токму амбасадорот на Израел во Македонија, Дан Ориан. Делото, чија промоција е закажана за в четврток во Друштвото на писателите на Македонија, е во македонско и албанско издание, а целокупниот профит ќе биде наменет за добротворни цели, за обезбедување средства за децата болни од терминална болест. Соговорниците потсетија дека во 2005 година беше потпишана и Програма за соработка во областа на културата, образованието и науката меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Државата Израел, а е иницирано и обновување на Програмата во насока на интензивирање на културните врски меѓу двете земји.