АМСМ: Магла со видливост до 100м има на планински превој Стража

Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива по наместа влажни коловози. Слаб снег паѓа на планинските превои Буково, Ѓавато како и во Ресен и Битола.

Магла со видливост до 100м има на планински превој Стража.

Воведена е забрана за движење на тешки товарни возила над 7,5 тона и автобуси, на патниот правец Р2136 Ржаничино – Д.Коњаре, поради оштетување на средниот столб на мостот на река Пчиња.

Штетата на мостот на патниот правец Радовиш –Штип е санирана и сообраќајот се одвива наизменично, по една коловозна лента. Сообраќајот на патниот правец Демир Капија кон с. Корешница е нормализиран.

Забраната за движење, поради свлечиште на патот Киселица-Злетово во општина Пробиштип сеуште останува. Поради надојдените води од реката Крива Лакавица во прекин се патните правци према с.Степанци и с.Суво Грло. Сообраќајот на патниот правец Р1401, клучка Марвинци – Гевгелија е во прекин поради излевање на р. Вардар.

АМСМ препорачувa внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.