Претседателот Иванов со честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија, по повод празникот Свети Сава.

„Почитувани сограѓани,

Ми претставува особено задоволство на сите припадници на српската заедница да им го честитам големиот празник Свети Сава и да им посакам здравје, радост и благосостојба.

Прославата на 27 јануари – Денот на првиот српски архиепископ, кој е прогласен и за Национален ден на српската заедница во Република Македонија, е можност да потенцираме дека српската заедница како нераскинлив дел од македонското општество заедно со другите заедници активно придонесува кон соживотот во нашата татковина.

Св. Сава со својата неуморна просветителска и црковна дејност остави трајни вредности кои ги надминуваат етничките рамки давајќи пример за сите кои живеат на овие простори. Нека значењето на неговото дело и севкупната симболика на празнувањето бидат и натаму духовна и културна крепост и инспирација за градење просперитетна и успешна Република Македонија во која се почитуваат и се негуваат различните култури и традиции на сите граѓани.

За многу години!“– стои во честитката.