Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „повреда на правото од пријавен или заштитен пронајдок и топографија на интегрални кола“ полициската станица од Дебар поднесе кривична пријава против правниот субјект „Професионал-ПЦ“ како и против управителката А.С. (54) од Дебар.
Од извршените проверки во компјутерите и оперативниот систем кој беше инсталиран во компјутерите на фирмата лоцирана на улицата „Братство Единство“ во Дебар, констатирано е дека во текот на 2014 година, на два компјутери е инсталиран и користен туѓ и нелиценциран софтвер на Windows 7, заштитен со патент од фирмата Microsoft.
Со тоа, пријавениот фирмата ја оштетил во износ од 21.100,оо денари и противправно стекнал исто толкава парична имотна корист.
Доколку се користи лиценциран софтвер на Microsoft, треба да се поседува оригинал ДВД на кое е назначено за кој оперативен систем се однесува, да се поседува налепница која се става на надворешниот дел од куќиштето на компјутерот на која е назначено кој оперативен систем се користи и неговиот број. Тие податоци треба да се совпаѓаат со податоците од налепницата и оригиналниот ДВД. Пријавениот требало да поседува и набавна фактура за софтверот каде е наведено кој оперативен систем се користи и со кој број.
Пријавеното правно лице и управителката, за двата компјутери не ги поседувале потребните ДВД, налепниците и фактурите за оперативниот систем Windows 7 кој беше инсталиран и го користеше на компјутерите.