Министерот Јолевски на средби со повеќе сенатори и конгресмени во Соединетите Држави

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, имајќи го предвид местото на законодавната власт и нејзиното значење за одбранбениот и безбедносниот систем, вчера во Вашингтон оствари повеќе средби со членовите на американскиот Сенат и Конгрес.

На средбата со конгресменот Пол Кук, министерот Јолевски истакна дека Република Македонија е сериозен сојузник и придонесувач кон глобалниот мир и безбедност. „Нашата стратегиска цел е јасна – полноправно членство во НАТО и во Европската Унија. Непобитен факт кој го почитува и самата Алијанса е дека Македонија и нејзината Армија се подготвени да пристапат кон полноправно членство уште од 2008 година“, рече министерот на средбата. Тој додаде дека остануваме посветени на меѓународните мировни операции, исто толку колку што сме посветени и на континуираниот развој на вооружените сили, но и останатите области во Република Македонија, меѓу кои и одбраната, образованието, здравството и економијата.

„Силно ве поддржувам да станете дел од НАТО-алијансата, а убеден сум дека таков однос имаат и многу други мои колеги во Конгресот“, посочи конгресменот Пол Кук. Македонија припаѓа на НАТО, рече конгресменот и додаде дека земјата е одговорен член на меѓународната заедница кој знае како да помогне кога има потреба. „Вашите војници се вистински професионалци и вешти и мотивирани мировници за кои сите имаат пофални зборови“, рече Кук.

На одвоените средби со конгресмените Тед По и Роберт Адерхолт, министерот Јолевски, овен на одбранбениот систем во целина, се осврна и на потребата од развој на образованието, како и последните планирани развојни процеси на Воената академија. Во тој контекст министерот го спомена воведувањето на курсеви на академијата на англиски јазик, како и отворањето на можноста за размена на кадети со другите Армии на земјите-партнери. Министерот Јолевски и конгресмените По и Адерхолт разговараа за политичко-безбедносната состојба во регионот и пошироко, а се осврнаа и на можностите за развој и соработка во одбраната.

Во текот на вчерашниот ден министерот Јолевски оствари и исклучително значајна средба со претседателот на една од највлијателните „тинк-тенк“ организации во САД, „Фондацијата Херитиџ“, Џејмс ДеМинт, кој воедно е и поранешен сенатор од државата Јужна Каролина.

На средбата беше укажано дека „Фондацијата Херитиџ“ дава целосна поддршка за евроатлантските интеграции на Република Македонија, особено во НАТО алијансата. За таа цел, членовите на Фондацијата, на чело со претседателот ДеМинт посочија дека постојано ќе ги информираат Конгресмените и Сенаторите за значењето Македонија да стане и „де јуре“ член на НАТО.

Истовремено, претседателот ДеМинт истакна дека Македонија постигна завидно висок резултат во однос на индексот за економски слободи.

„Македонија е земја-лидер во регионот во поглед на економските политики и тоа може да се види и во економскиот развој на земјата“, додаде ДеМинт.

Министерот Јолевски во текот на денешниот ден ќе биде дел од традиционалниот Молитвен појадок, а потоа ќе оствари средби со повеќе сенатори, како и со Хојт Ји, заменик помошник секретар во американскиот Стејт департмент, за европски и евроазиски работи.

Sredba-Ted-Po-2