Промовиран првиот Словачко-македонски речник

Над 20.000 изрази и нивни преводи содржи првиот Словачко-македонски речник на авторите Гоце Цветановски, Љупчо Митревски и Звонко Таневски, објавен со финансиска поддршка на Министерството за култура.

На промоцијата денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и словачкиот амбасадор во Македонија Мартин Безак посочија дека лексикографскиот труд ќе ги продлабочи културните врски на двата народа, ќе поттикне и инспирира соработка и комуникација.

Канческа-Милевска истакна дека изданието го потврдува континуитетот на македонско-словачките културни врски, нивното историско траење повеќе од 11 века и нивната длабока поврзаност со мисијата на браќата Кирил и Методиј.

„Речникот има огромно значење во општата славистичко-лингвистичка сфера бидејќи ја опфаќа употребуваната лексика и фразеологија во современиот словачки јазик, поголем број зборови од научно-техничката, спортската и воената терминологија, како и извесен број разговорни, архаични и дијалектни зборови. Ваквиот лексички фонд претставен на вкупно 476 страници има за цел да го олесни читањето и преведувањето на уметничката, научно-популарната, општествено-политичката литература и периодиката“, рече министерката за култура.

Додаде дека Речникот е корисен не само за стручната и академската фела, туку и за збогатување на сознанијата за лексичките системи на двата јазика за пошироката јавност во двете држави.

Амбасадорот Безак рече дека целта на публикацијата е зближување на блиските но, сепак, недоволно добро меѓусебно запознати народи – Словаците и Македонците, чија историја, рече тој, е обележана и со успешната борба за признавање на јазичната самобитност.

„Затоа е симболично што нашиот прв заеднички речник се појавува во годината кога одбележуваме два значајни настана – 70 години од кодификацијата на македонскиот литературен јазик и 200 години од раѓањето на Људевит Штур, кодификатор на литературниот словачки јазик. Со над 20-те илјади изрази и нивни преводи, Речникот буквално ги интегрира 20-те илјади мали мостови на разбирање меѓу Словаците и Македонците“, истакна Безак.

Во име на авторскиот тим, проф. Гоце Цветановски им се заблагодари за поддршката на амбасадорот Безак, неговиот претходник Роберт Кирнаг и на словачкиот рецезент и македонист Емил Хорак, како и на Министерството за култура за финансирањето на трудот.

„Идејата за ваков двојазичен речник се роди уште во 2003 година, при мојот прв престој во Институтот за словачки јазик „Људевит Штур“ во Братислава. Во тој двонеделен престој делумно успеав да ѕирнам во словачкиот ентитет и да ги засакам Словаците, не само поради љубезниот однос и работливоста, туку и поради сличната историска судбина“, рече Цветановски.

Речникот го промовираше еден од рецензентите, проф. Димитар Пандев кој, меѓу другото, рече дека тој е надополнување на мозаикот двојазични речници со макадонска паралела.

„Авторите ги поврзува Словачка, во интензивен период од нивната научна и творечка дејност, од нивниот живот, одлично го научуваат словачкиот и ја користат живата граматика, значи користат и жив речник…. Богатството на народите се огледа во употребата на најразновидна лексика – од архаична, митско-религиозна, до најсовремена, општествено-технолошка. Во речников таа е цврсто усогласена. Речникот отвора протсор и за дијахрониска перспектива. Словенските јазици пред 25 години се разликуваа во пристапот кон современата терминологија, овој Речник зборува нешто друго – поголема блискост во совремието отколку во минатоста“, рече рецензентот и промотор Пандев.

09aa_recnik_640