Утрово во општина Битола се одржа состанок на локалното Кооринативното тело за спасување со кризи, на кој што присуствуваше и министерот за транспорт и врски Миле Јанкиески, при што се разгледа моменталната состојба во општина Новаци и предизвиканите штети од поплавите.
Согласно најавите од УХМР, од утре под влијание на влажен бран од запад ќе има врнежи од дожд, а локално се очекува да наврнат над 30 л/м2 воден талог. На планините врнежите ќе бидат од снег. Претпладне врнежите ќе бидат поинтензивни во западните, а околу пладне и попладне во источните делови од земјава.
Повремено ќе дува засилен југоисточен ветер, особено во источните делови. Потоа следува период на променливо облачно време со локални врнежи претежно од снег. Од понеделник ќе биде значително постудено со засилен северен ветер.
Координативното тело посочи дека од утре ќе отпочнат и активности за санирање на прекопот кој што беше извршен на регионалниот патен правец Битола-Новаци, со цел негово нормализирање и враќање во првобитна состојба.
На состанокот се упати апел до сите граѓани, да донираат на отворените телефонските броеви на Црвен Крст и колку што е можно повеќе да се помогне на загрозените подрачја.
Притоа, се апелира до граѓаните од загрозените региони, на кои име потребна помош, веднаш да се јават во Центарот за управување со кризи.
Координативното тело повторно упати на следниве препораки:
· градоначалниците да ги стават на готовност сите расположливи ресурси,
· градоначалниците да ги мобилизираат кризните штабови и во нив да ги вклучат, претставници од ЦУК,ДЗС и МВР,
· градоначалниците кои имаат потреба од дополнителна помош од технички ресурси (механизација, вреќи и нафта) веднаш да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување,
· градоначалниците да ги информираат месните заедници за најавената дестабилизација на временските услови,
· континуирано да се следи водостојот на реките, да се следи и нивото на акумулациите.
· ЕЛС да интервенира на мостови каде има опасност од задржување големи наноси од надојдените реки,
· сите граѓани кои сметаат дека се загрозени да се обратат на бесплатниот број 195 на ЦУК,
· припадниците на МВР и Министерството за одбрана да бидат подготвени за интервенција
· возачите навремено да се информираат за состојбата на патните правци од страна на АМСМ,
· Апел до месното население да помага и да се активира.
Надлежните институции постојано се на терен во постојана координација и се преземаат сите расположливи мерки и ресурси, колку што е можно да се спречат несаканите последици како резултат на временските неприлики кои ја зафатија земјата во изминатиот период.