Делегација на СДСМ предводена од Претседателот Зоран Заев денеска оствари средба со амбасадорот на ОБСЕ во Р. Македонија, Ралф Брет и со шефот на отсекот за политички прашања на ОБСЕ, Џемјс Де Вит.
Главна тема на разговорите беше актуелната состојба во Република Македонија.
Претседателот Заев рече дека раководството на СДСМ внимателно ќе го води процесот на објавување на вистината за Македонија, имајќи ги предвид интересите на граѓаните и државата.
„Вистината за Македонија започна да допира до јавноста. Ќе продолжиме со објавување се до конечно враќање на слободата, демократијата и европските вредности во Република Македонија. Внимателно ќе го водиме процесот водејќи грижа за интересите на граѓаните.“ рече Заев.
Тој посочи дека прислушувањето на над 20 илјади граѓани од страна на службите под контрола на Никола Груевски и неколкумина околу него, само по себе е скандалозно и недозволиво за една нормална, демократска држава.
Заев дополни дека доказите ги потврдуваат ставовите на СДСМ, но и ставовите на меѓународната заедница, констатирани во сите релевантни извештаи, вклучително и извештајот на ОБСЕ, за целосна контрола на власта врз институциите на државата, за селективната правда, за притисок врз медиумите.
„Објавувањето на вистината ќе покаже и дека власта на Груевски го оневозможила правото на граѓаните на слободни и демократски избори, правото на слободно информирање и изразување како и правото на приватност.“ рече Заев.
Претседателот на СДСМ заклучи дека со објавувањето на вистината, се создава можност, нова шанса за посветла иднина на Република Македонија.
„Вистината за Македонија е шанса да создадеме трајни и реални гаранции дека вакви работи повеќе нема да се случуваат. Граѓаните заслужуваат да се чувствуваат слободни и да живеат во слободна и демократска земја“ рече Заев.