Вицепремиерот Пешевски се сретна со новиот американски амбасадор во земјава

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, денеска се сретна со амбасадор на Соединетите Американски Држави Џес Бејли.

Како што соопштуваат од Кабинетот на вицепремиерот, Пешевски најпрвин му посака добредојде и успех во работата на новоименуваниот амбасадор.

За време на средбата вицепремиерот ги претстави економските планови и проекти наменети за побрз економски развој и подобрување на бизнис климата во државата. Акцент беше ставен на поддршката во економската сфера која Македонија ја добива од страна на САД и беа истакнати очекувања за унапредување на економските односи. Воедно, вицепремиерот го истакна задоволството од досегашниот тренд на реализирани инвестиции на американските компании во државата.

Соговорниците се осврнаа на прогресот на реформите, односно низата проекти кои се спроведуваат со поддршка на Агенцијата за меѓународен развој на САД – УСАИД. Вицепремиерот го истакна значењето на финансиската и техничка помош, добиена од страна на американската влада, која значајно го поттикнува економскиот развој .

За време на средбата соговорниците го поздравија традиционалното пријателство и партнерство, карактеризирано со одлични билатерални, економски и трговски односи помеѓу двете земји.

На крајот двете страни искажаа искрени желби за продлабочување на соработката на полето на економијата и зголемување трговската размена.