Одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

По повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, ОУТУ „Ванчо Питошески“, вчера и денес организира низа активности. Во рамки на одбележувањето се одржа трибина на тема: „Да го чуваме, негуваме и сакаме мајчиниот јазик“, беше прикажан документарниот филм за кирилицата и словенската писменост во Македонија: „Кирилицата по врвицата на словенската писмена традиција во Македонија“, а се одржа и поетско читање.

Настанот кој го организира Средношколската младинска организација, го отвори директорката на училиштето, Весела Темјаноска, а модератори на трибината и презентери на филмот беа професорите по македонски јазик и литература: Мирјана Зафировска и Перчо Божиновски, додека носители на поетското читање беа членовите од литературната и рецитаторската секција.

УНЕСКО го прогласи 21 Февруари за Светски ден на мајчиниот јазик, на Генералната конференција во 1999 година. 

Јазиците се најмоќните инструменти за зачувување и развивање на нашето материјално и духовно наследство. Сите настојувања да се промовира ширењето на мајчиниот јазик ќе послужат да се развие целосно свеста за јазичните и културните традиции низ светот и да ги инспирира за солидарност врз основа на разбирање, толеранција и дијалог.

Главна цел на ова одбележување е да се подигне свеста кај младите и идни генерации за употреба на македонскиот литературен јазик, како и да се укаже на безбројните грешки во секојдневната јазична комуникација. Понатака како младите да го употребуваат стандардниот македонски јазик, затоа што токму преку јазикот покажуваме кои сме и што сме.

majcin_jazik_400 majcin_jazik_4001 majcin_jazik_4002