Министерот Ивановски на состанок на Комисијата за широкопојасен интернет во Париз

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денеска учествуваше на 11-от состанок на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој, кој се одржа во Париз.

На собирот се покренаа прашањата за дефинирање на програмата и стратегијата на комисијата за тековната и наредната година, со поставување на нова глобална развојна агенда.

Министерот Ивановски во Париз оствари средби со истакнати претставници од светот на информациско-телекомуникациските технологии, со кои размени мислења и идеи за актуелните состојби во ИКТ сферата.

Бројките на Интернационалната телекомуникациска унија (ИТУ) покажуваат дека мобилниот широкопојасен интернет е најбрзо растечка технологија во денешниот свет. Бројот на мобилни телефони ја надминува вкупната светска популација, додека активните мобилни претплатници на широкопојасен интернет надминуваат 2,1 милијарди. Најголем напредок е забележан во земјите во развој, каде се зголемува за 90% во делот на мобилната телефонија и 82% на нови интернет корисници, од почетокот на 2010 година.

Состанокот го отворија претседателот на комисијата Карлос Слим и претседателот на Руанда, Пол Кагаме, а свои обраќања имаа и генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, како и генералниот секретар на Интернационалната телекомуникациска унија (ИТУ), Хуолин Жао.

sl27022015b_m