Селекторот на А футсал репрезентацијата Васко Скендеровски го објави списокот на играчи кои ќе бидат дел од македонската репрезентација на квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство во Србија.
На турнирот во СЦ „Борис Трајковски“ од 18 до 21 март, Македонија ќе игра против Унгарија, Швајцарија и Шпанија. Подготовките за квалификациите за пласман на континенталното натпреварување нашата репрезентација ги започнува денеска, селекторот Скендеровски ги повика следните играчи:
ГОЛМАНИ: Илчо Удовалиев (КМФ Железарец), Мирослав Тодоровски (КМФ Скопје), Антонио Петровски (КМФ Скопје); ОДБРАНА: Зоран Левески (КМФ Железарец), Ферид Агуши (КМФ Железарец), Иван Крстевски (КМФ Железарец), Џо Арсовски (КМФ Железарец); НАПАД: Александар Глигоров (КМФ Железарец), Игор Леовски (КМФ Скопје), Оливер Јовановски (КМФ Железарец), Дарко Ранготов (КМФ Сквер – Хрватска), Мартин Тодоровски (КМФ Железарец), Адријан Мицевски (КМФ Железарец), Трајче Трајков (КМФ Железарец);
„Сеуште ни се свежи сеќавањата од последните квалификации за ЕП во март 2013 година кога за девет секунди ни “избега” баражот за пласман на ЕП. Веднаш после тој натпревар со Хрватска изјавив дека овој пораз треба да ни биде поука и мотив повеќе на следните квалификации најпрвин да избориме бараж, а потоа и пласман на ЕП 2016. Мислам дека оваа генерација созреа за еден таков успех, ако се имаат предвид резултатите кои ги постигнуваме во континуитет во последните две-три години. Но, не се само резултатите мерило за едно вакво големо остварување, посебно ме радува фактот што играчите исто така сфаќаат дека ни треба резултат на важните натпревари. Изминатите контролни натпревари со неколку силни противници ми потврди дека е навистина така. Што се однесува до нашите противници, уште после ждрепката во Нион изјавив дека добивме група по мерка. Нашата цел останува иста, пласман на ЕП преку бараж натпреварите. Јас и мојот стручен штаб веќе ги анализиравме нашите противници, направивме скаутинг до најмалиот детал, ги откривме сите предности, но и слабости и веќе изградивме и стратегија за секој наш противник. Секој противник негува различен стил на игра, против секого и ние различно ќе ја поставиме нашата тактика, но факт е едно, не смееме да потцениме ниту една репрезентација, но исто така нема предвреме да се предадеме на ниту еден натпревар, во мое име и во името на моите играчи тврдам дека на истите ќе го дадеме максимумот“, – изјави селекторот Васко Скендеровски.
Првиот квалификациски натпревар Македонија го игра на 18 март во 19:00 часот со репрезентацијата на Унгарија.