Новите ЕУ правила за означување на храната промовирани и пред членките на Стопанска Комора на Македонија

„Новите барања на ЕУ за означување на храната – законска обврска на домашните оператори со храна од јуни 2015 година“,беше тема на денешната прес конференција и работилницата која во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство и Стопанската комора на Македонија се одржа денес за членките на Комората. Како што истакна м-р Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, домашните оператори со храна треба да бидат детално информирани за новите правила кои ќе се применуваат во Европската унија, како и за соодветните еквивалентни национални правила кои ќе се однесуваат на нив откако тие ќе бидат донесени од страна на националните законодавни тела.

„Од тие причини, подготвивме Водичот за новините во означувањето на храната во Европската унија, на македонски и на албански јазик и организираме низа работилници заради запознавање со новите правила. Со донесување на Регулативата (ЕУ) бр. 1169/20112, усвоени се нови правила во однос на означувањето на храната. Овие правила во Европската унија започнаа да се применуваат од 13 декември 2014 година (со исклучок на Правилата за означување на нутритивните својства, кои ќе почнат да се применуваат од 13 декември 2016 година). Во Република Македонија е утврден преоден рок и нивната примена ќе почне во јуни годинава “– рече тој.

Од 13 декември 2014 година, операторите со храна кои извезуваат храна во Европската унија, објасни Поповски, веќе се усогласени со новите барања за означување. “Правилата се однесуваат на операторите со храна во сите фази на синџирот на исхрана и на целата храна која е наменета за крајниот потрошувач (вклучувајќи ги и угостителските објекти). Правилата се однесуваат на информации за храна со цел да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето и на интересите на потрошувачите. Информациите за храна не смеат да бидат погрешни. Операторите со храна се одговорни за точноста на информациите за храната. Тие се лица одговорни за ставање на храната во промет, или за увозникот, во случај кога станува збор за храна од увоз – објасни директорот Поповски.

На прес-конференцијата беше истакнато дека спроведувањето на новите правила нема да создаде нови трошоци на компаниите – оператори со храна, а за нивното неспроведување по јуни, согласно Законот за безбедност на храна се предвидени казни.

По прес-конференцијата се одржа и работилница на која присуствуваа повеќе од педесеттина претставници од компаниите членки на Комората. Доктор Ленче Јовановска, раководител на Секторот за храна од неживотонско потекло во Агенцијата на операторите детално им ги објасни новините во означувањето на храната во ЕУ и обврските кои мора да ги исполнат, за да можат од јуни годинава да пласираат производи на домашниот пазар.

komora 2