Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и заменик претседателката Радмила Шекеринска денеска се сретнаа со амбасадорот на Кралството Шпанија во Р. Македонија, Рамон Абароа Каранза.
Политичката криза во Република Македонија и можните излезни решенија беа тема на средбата.
Претседателот Зоран Заев рече дека доказите што ги објавува СДСМ во јавноста ги потврдуваат забелешките нотирани во извештаите на Европската комисија, ОБСЕ и другите релевантни меѓународни организации, за злоупотреби за време на изборни процеси, за постоење селективна правда, за владина контрола врз медиумите, за партизација и приватизација на институциите во Македонија од страна на Никола Груевски и неколкумина негови соработници.
„Потребен е нов ветер за иднината на Република Македонија. Објавувањето на Вистината за Македонија потврди дека првите луѓе на судството и обвинителството се под директна контрола на врвот на власта. Се потврди дека лошата состојба со медиумите е последица на воспоставената директна контролата на власта којашто оди дотаму што се нарачуваат прилози во вестите. Тоа мора да го промениме и никогаш да не се повтори. Враќањето на слободата и демократијата во нашата држава ја отвора таа можност, во интерес на сите граѓани.“ рече Заев.
Претседателот Заев го повтори ставот на СДСМ дека преодна Влада којашто ќе создаде услови за фер и демократски изборен процес е излезно решение од длабоката политичка криза во којашто се наоѓа Македонија.