Македонската футсал репрезентација одигра нерешено, 3:3 против Унгарија во првиот натпревар од квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство во Србија.
Триумфот против силниот противник го испуштивме на една минута пред крајот, кога Агуши со автогол им донесе реми на Унгарците. Македонија по првото полувреме обезбеди убава предност од 2-0. Мартин Тодоровски беше стрелец на двата гола за нашиот национален тим. Го отвори резултатот во 14. минута, а четири минути подоцна уште еднаш реализираше за удвојување на предноста.
Во вториот дел беше уште подраматично. Мартин Тодоровски, Зоран Левески и Ферид Агуши не искористија одлични можности за трет погодок, а потоа следуваше казната. Унгарците успеаја да израмнат со головите на Јанош Тречењи во 30. минута и Адам Хошу во 35. минута. Само триесетина секунди по ирзамнувањето, Адријан Мицевски со извонреден шут и донесе ново водство на Македонија од 3-2. Пропуштивме уште три прекрасни шанси во финишот за да ја осигураме победата, Крстевски не погоди во два наврати. Нашиот голман Удовалиев спаси неверојатна шанса на Унгарците, но во финишот си постигнавме несреќен автогол преку Агуши.
Шансите за второто место на квалификацискиот турнир сѐ уште не се загубени. Македонија од 19 часот игра против Швајцарија, а во последното коло в сабота се среќаваме со Шпанија. Шпанија со 9:1 во првиот натпревар ја победи Швајцарија.
„Имавме неколку прекрасни шанси при водство од 2-1 и 3-2. Во второто полувреме имавме отворени можности да постигнеме голови преку контра и полуконтра, но ете не искористивме и дозволивме противникот да не казни на суров начин. На натпреварот против Швајцарија одиме да оствариме победа која ќе ни даде шанси да се бориме во сабота со Шпанија за поволен резултат или пак минимален пораз кој ќе не води во баражот. Ништо не е загубено, тоа е најважно. Покажавме дека можеме да се носиме со силни репрезентаци“, – изјави селекторот Скендеровски.