Бидејќи Европската унија е политичка унија, треба да се применат политички критериуми за поврзувањето на регионот. Инфраструктурата не служи само за транспорт на стоки и луѓе, туку и за интегрирање на Балканот во европскиот проект.
Тоа го истакна македонскиот министер за надворешни работи Никола Поповски во обраќањето на министерската конференција на Западен Балкан „Подобра поврзаност, силна и клучна транспортна мрежа“, што се одржа денеска во Приштина.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески од своја страна укажа на важноста од вклучувањето на целиот Коридор 8 како дел од мрежата на главните европски коридори. Јанакиески ги потенцираше инвестициите и активностите што ги презема Владата на Република Македонија за развој на коридорите и унапредувањето на поврзаноста со регионот и земјите од Европската Унија.
Според комесарот за проширување Јоханес Хан, Европската унија ќе оддели милијарда евра за унапредување на инфраструктурата во земјите од Западен Балкан.
„Проектите во инфраструктурата, транспортот и енергетиката се клучни за економскиот развој, привлекување на нови инвестиции и отворање на нови работни места“, посочи Хан на конференцијата, на која меѓу другите присуствуваше и комесарката за транспорт Виолета Булц.
Учесниците на конференцијата разговараа за предложената методологија на Европската комисија за определување приоритетни транспортни коридори и разменија мислења за предлозите за усогласување на клучната транспортна мрежа во земјите од Западен Балкан,
„Поврзувањетo на земјите од регионот ќе доведе до зголемување на инвестициите, но и зајакнување на врските меѓу луѓето преку границитe и рушење на предрасудите,“ соопшти македонското Министерство за надворешни работи.
Следниот состанок во регионален формат, според договореното на конференцијата, треба да се одржи во Македонија, а во меѓувреме да се договорат клучните проекти.
Денешниот состанок се организира како дел од Берлинскиот процес, а во пресрет на состаноците во Рига и Виена, во мај и јуни оваа година.