Можностите за инвестирање во Македонија презентирани на Евроазискиот економски самит

Во рамки на 18. Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара, на иницијатива на претседателот Иванов, вчера во Истанбул се одржа Сесија за можностите за инвестирање во Република Македонија.

На сесијата претседателот Иванов ги запозна бизнисмените со поволниот инвестициски амбиент во нашата држава, со состојбите во македонската економија, како и со оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати.

„Повеќе странски инвеститори веќе ја препознаа поволната бизнис клима во Македонија. Затоа ве повикувам да ја посетите Република Македонија, да се запознаете со позитивното искуство на веќе присутните компании и сами да се уверите дека Македонија нуди големи можности за ширење на вашиот бизнис”, рече македонскиот претседател.

Покрај претседателот Иванов, на сесијата за можностите за инвестирање во Република Македонија свои обраќања имаа и министрите за странски инвестиции г. Џери Наумоф и г. Фуркан Чако, кои ги презентираа поволностите и можностите што странски инвеститори ги имаат и беше истакната отвореноста на Република Македонија за влез на нови инвестиции.

„Имавме прилика да ги претставиме условите кои што ги нудиме на странските инвеститори, во тој контекст имавме можност да се видиме со постоечките инвеститори, но и со новите заинтересирани сериозни инвеститори, кои сакаат да вложат надвор од Република Турција. Сакам да истакнам дека турските стопанственици се најмногу заинтересирани во делот на енергетскиот сектор, земјоделството и во делот на градежништвото”, рече министерот за странски инвестиции, г. Фуркан Чако.

„Во 2008 година почнав да извезувам во Република Македонија и поради тоа, добив можност да комуницирам со македонскиот народ. Потоа купив и земјиште од 36.000 м2 и планирам моето производсвто да го префрлам во Македонија. Јас ја гледам Македонија како моја втора земја”, изјави Иса Тамер Челик, претседател на управниот одбор на компанијата Челмак, која произведува земјоделски машини.

На Сесијата за можностите за инвестирање во Република Македонија беа присутни повеќе од 100 претставници на компании од секторите градежништво, енергетика, здравство, земјоделство, транспорт и логистика кои учествуваат на Евроазискиот економски форум, како и претставници на компании од Република МакедонијаEvroaziski_ekonomski_samit_3