СДСМ Дебрца: Многу ветено, малку остварено

ОО на СДСМ Дебрца, испрати реакција во врска со денешната прес-конференција на градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски. Во реакцијата стои:

„Денешниот Отчет на Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски за сработеното во изминатите две години претставува уште една тавтологија на која се навикнавме изминативе две години кога се работи за прес конференциите на градоначалникот. И овојпат бевме сведоци на најобично набројување на веќе чуените проекти, список на проекти кои ќе се реализирале, со што се прави уште еден обид за замајување на граѓаните на општина Дебрца дека нешто се работело и сработило во општината. Притоа, симтоматично е дека и најмалите градежни активности и изработка на технички документации се прикажуваат како капитални инвестиции, или како свои се присвојуваат проекти кои во најголем дел се само финиширање на започнатите проекти од претходната локална власт, проекти за кои беше аплицирано, беа обезбедени финансиски средства, а за некои беа завршени и тендерските постапки како: изградбата на монтажното училиште во село Волино, спортското игралиште во село Оровник, регионалниот колектор, изградбата на општинскиот пат за село Сливово, асфалтирањето на улици во населените места, набавка на контејнери, реконструкцијата на изворите во село Велмеј .

Во оваа прилика ги наведеме дел од предизборните ветени, а не реализирани проекти на новата локална власт:

Oтворање на индустриска зона во село Мешеишта ( рок-декември 2014 ); отворање на откупен пункт за земјоделски производи во село Мешеишта ( рок- мај 2014 ); 200 нови вработувања во рудникот за манган Стогово; реконструкција на училиштето во село Оровник ( рок- 2013 ); реконструкција на водоводите во село Требеништа и Климештани ( рок-2014 година); реконструкција на културните домови во село Требеништа, Злести, Лешани и Оровник; бесплатен интернет за училиштата и на јавни места ( училиштата со месеци се без интернет поради неплатени сметки ); уредување на општинска депонија и воведување на селекција на комунален отпад ( општината е пренатрупана со ѓубре и диви депонии, набавената механизација е застарена, а јавното комунално претпријатие неспособно да обезбеди зимско одржување на патиштата, во долгови, што резултираше со разрешување на директорот поставен од новата локална власт ); прераснување на Слатинско езеро во туристичка атракција за рурален туризам-ноември 2013 ( од ова ветување нема ништо, а состојбата со браната на Слатинско езеро е алармантна и постои реална опасност езерото да исчезне од географската карта на Дебрца ); организирање на Отворен ден за жителите на општината ( од најотворена општината денес е најзатворена и најнедостапна за граѓаните ).

Вистината за “возобновената и развиена” општина Дебрца во изминативе две години сепак е поинаква од презентираната.

Ние и понатаму ќе продолжиме да ги информираме граѓаните на општина Дебрца за ветените,а нереализираните проекти, кои ги има премногу за да бидат опфатени во едно соопштение.“- се вели во реакцијата.